Градската општа болница „8 септември“ ќе набавува генератор, нови филтри за клима и друг потребен материјал за да може да го отвори новиот Траума центар. Болницата на 15 минатиот месец конечно го доби решението од Министерството за здравство за преземање на просторот од 4.000 квадратни метри од некогашната Воена болница во кој до лани беше сместена кардиохируршката болница на Жан Митрев.
Владата уште лани во декември донесе одлука овој простор и затекнатата опрема и инвентар Министерството за здравство да ги префрли на „8 Септември“, но поради бирократски процедури болницата не можеше да го преземе просторот во владение.
„Го добивме просторот и сега правиме попис што може да се искористи од постоечкиот инвентар, а што треба да се набави. При увидот констатиравме дека е запушена централната клима и сега треба да се набават ниви филтри. Нема генератор, и тоа треба да набавиме, како и апарати за анестезија за хируршките сали. Кревети има, ама ќе треба да докупиме“, вели д-р Христијан Костов, директор на „8 Септември“.
За да се стави во функција овој простор, како што објаснува тој, со одлука на Влада на болницата ѝ се доделени плус 20 милиони денари.
„Планот е што побрзо да го отвориме Траума центарот, но сега со овие набавки и процедурата која трае се надеваме дека се ќе биде готово до септември“, вели д-р Костов.
Тој објаснува дека штом ги стават во функција двете операциони сали, кои ги користеше Жан Митрев, ќе почнат со поголема реконструкција на операционите сали во „8 Септември“, кои според него се во многу лоша состојба.
„Мора да се реновираат операционите сали, оти се во многу лоша состојба. Затоа и брзаме што поскоро да го оспособиме овој простор, во кој планираме едната сала да биде за ортопедија, а другата за трауми“, вели д-р Костов.
Е. БОЧВАРОСКА