Град Скопје вчера почна со асфалтирање на булеварот Партизански одреди од крстосницата со улицата Рузвелтова до онаа со булеварот 8 Септември.
Градежните работи за поставување на завршниот слој асфалт, како што информираат од Град Скопје, ќе траат десет дена и дотогаш за сообраќај ќе биде затворена по една коловозна лента.
„Поради градежните активности на тој дел од булеварот Партизански одреди ќе се воведе привремен сообраќаен режим. Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да го почитуваат воведениот сообраќаен режим и поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Реконструкцијата на асфалтот на овој дел од Партизанска го почна лани во август тогашниот градоначалник Коце Трајановски. Оттогаш па се до крајот на ноември коловозот беше постојано раскопан. Постојано на оваа делница една коловозна лента беше затворена за сообраќај, се гребеше стариот асфалт, па се ставаше нов, но градежните работи не завршија.
Градоначалникот Петре Шилегов по доаѓањето на функцијата рече дека дал налог на фирмата која ги изведува градежните работи што побрзо да ја приспособат сообраќајницата, за да може да бидат сите ленти во функција, а завршниот слој ќе се поставува на пролет поради зимските температури.
По налог на Шилегов на 10 март повторно почнаа да се гребе асфалтот на крстосниците на оваа делница, кои цел месец стоеја раскопани. Од Градот објаснуваа дека не можеле веднаш да асфалтираат бидејќи времето се расипало, односно заврна снег а една недела имале и врнежи од дожд. Од Градот дополнија и дека според режимот на сообраќај кој го препишува Министерството за внатрешни работи на крстосниците можеле да се изведуваат градежни работи само за време на викендите.
А. АНТЕВСКА