Автомобилите на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и на неговата сопруга синоќа биле оштетени од непознат сторител, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што стои во дневниот билтен на МВР во 23.10 часот сопругата на градоначалникот Шилегов пријавила дека во период од 17 до 22 часот на улицата Хелсинки, пред паркинг на зграда од непознат сторител биле уништени нејзиниот автомобил ауди К-5 и возилото на нејзиниот сопруг ауди А5.
„Констатирано е дека на едното возило оштетено е предното лево крило, предниот лев фар , предната и задната лева врата и задното крило, а кај второто возило оштетено е предното лево крило, предната лева врата, задниот лев штоп и задниот гепек. Оштетувањето сторителот го извршил со употреба на физичка сила и остар предмет и незабележан од некого го напуштил местото. Со оштетувањето причинета е материјална штета која дополнително ке биде утврдена. Се работи на целосно расчистување на случајот“, информираат од МВР.
Градоначалникот Петре Шилегов вчера беше во Брдо, Словенија каде учествуваше на 13 Генерално собрание на Мрежата на асоцијации на локални самоуправи од Југоисточна Европа и беше избран за потпретседател на НАЛАС.