ГРУПА ВРАБОТЕНИ ВО МВР БРИШЕЛЕ ТРАГИ И УНИШТУВАЛЕ ДОКАЗИ ПО НАРАЧКА, КАЖА СПАСОВСКИ

    ГРУПА ВРАБОТЕНИ ВО МВР БРИШЕЛЕ ТРАГИ И УНИШТУВАЛЕ ДОКАЗИ ПО НАРАЧКА, КАЖА СПАСОВСКИ„Многу работи ќе беа поинакви ако во минатото постоеше независна контрола над ова министерство. 27 април немаше да се случи ако сите говоревме гласно за неправдите“, рече министерот Оливер Спасовски. - Од вчерашниот прием на Британската амбасада за роденденот на кралицата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во Министерството за внатрешни работи постоела група вработени задолжена за бришење траги и уништување докази, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на јавната дебата „Надворешна граѓанска контрола врз работата на полицијата“ во организација на НВО Инфоцентар и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

    „Од позицијата министер, кога осознавам за поединечните методи на работа, имам впечаток дека во министерството постоела група вработени, која била задолжена за бришење траги и уништување на докази, секако по нарачка и по потреба. Како министер, а и раководството на Министерството сме подготвени да бидеме предмет на контрола, објективна и добронамерна. Многу работи ќе беа поинакви ако во минатото постоеше независна контрола над ова министерство. 27 април немаше да се случи ако сите говоревме гласно за неправдите“, рече Спасовски.

    Тој рече дека една година по крвавите настани во Собранието на 27 април дел од потребните законски измени за надворешна контрола на полицијата се веќе направени и дека останува да се направат измените во законот за јавно обвинителство.

    На забелешката од модераторот ан дебатата Уранија Пировска дека во минатото затаил секторот за внатрешна контрола во МВР и дека токму тој ја прикривал злоупотребата на службената положба што ја правеле дел од припадниците на МВР, Спасовски кажа дека според податоците што ги има од Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди на МВР за периодот од јуни 2017 до 15 април годинава биле поднесени 31 кривични пријави против 33 сторители, кои се вработени во МВР за 36 кривични дела.

    „Тие се пријавени за злоупотреба на службена положба и овластување, употреба на исправа со невистинита содржина, несовесно работење во службата, изнуда, уништување или прикривање на необработен архивски материјал, лажно пријавување кривично дело, насилство и фалсификување исправа, загрозување со опасно орудие при тепачка или караница, телесна повреда, примање поткуп и помагање во врска со измама. Ова се податоци само за поднесени пријави за кривични дела, а Одделот во периодот од 1 јули 2017 до 1 април 2018 иницирал поведување на дисциплинска постапка против 291 вработен“, рече Спасовски.

    Билјана Бејкова, од НВО Инфоцентар, кажа дека во публикацијата „Граѓански мониторинг на Народниот правобранител“ ја следеле работата на Канцеларијата на Народниот правобранител од декември 2016 година па наваму и дека треба да се преземат мерки изворот на Народниот правобранител и неговите заменици да не зависи од волјата на политичарите, односно нивниот избор да не биде резултат на политички договор, туку тие да се бираат на јавен оглас.

    „Потребна е финансиска независност на Народниот правобранител, а буџетот да биде во согласност со неговите обврски и надлежности. Исто така Владата не смее да одлучува за вработувања во Канцеларијата на Народниот правобранител, како што тоа беше случај претходно каде со преземање се префрлаа луѓе вработени во ’Македонски шуми‘. Извештаите пак за попречување на Народниот правобранител да ја врши својата работа треба да се разгледуваат на Владата“, кажа Бејкова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира