Дрвјата кои вчера беа исечени во населбата Аеродром, не можело да се пресадат оти машината не е за во градски средини, вели директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ардијан Муча.
Општина Аеродром побарала од претпријатието да дојдат со машината и да ги пресадат дрвјата, но екипите на терен виделе дека тоа не е можно оти на само пола метар се наоѓале цевки од водоводната мрежа и кабли за струја.
„Оваа машина е многу голема и гломазна и не е за пресадување на дрвја во градски средини. Пример за тоа е последниот случај во Аеродром. Инсталациите како и низ цел град се наоѓаат 60 сантиметри под земја а дупката за да се извади дрвото треба да биде 1,2 метри. Затоа не можеше да се пресадат дрвјата“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Ардијан Муча.
Машината за пресадување дрвја ја купи ексградоначалникот Коце Трајановски во 2016 година и чинеше 260.000 евра, а парите беа обезбедени од проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем за Светска банка. Од тогаш до сега со неа се пресадени само 5 дрвја од паркот „Македонија“.
„Оваа машина не е за во градска средина туку за шуми и големи зелени површини. Освен што ископот треба да е голем многу е тежок пристапот бидејќи е гломазна. И кога ќе го пресадиме дрвото после имаме проблем да го транспортираме. Подобро да ја дадеме на ‘Македонски шуми‘ а нас да ни купат камиони и машини со кои ќе можеме нормално да работиме и кои ќе одговараат за градски средина“, додава директорот Муча.
А. АНТЕВСКА