Амбасадорот Васко Наумовски не се појавил на ниту една средба на вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска при нејзината посетата на САД, откри таа во гостување на емисија на ТВ Телма.
Неделава Шекеринска беше во неколкудневна посета на САД, каде се сретна и со секретарот за одбрана Џејмс Матис. Таа рече дека скандалозно и крајно неодговорно е што Наумовски не дошол дури ни на средбата во Пентагон и дека тоа зборува за неговиот дипломатски калибар.
„Јас во Вашингтон во еден момент помислив дека немаме амбасадор бидејќи не го видов ниту службено, ниту на почетокот, ниту на крајот на посетата. Сметам дека тоа е скандалозно однесување затоа што на нашиот амбасадор не му пречи секој први во месецот да добива плата од оваа влада. Меѓутоа вие да отспиете посета на Пентагон која не се случила во 6 години, тоа прво зборува за дипломатскиот калибар, но зборува и за неодговорноста кон вршење на функцијата“, рече Шекиринска која најави дека за однесувањето на Наумовски ќе го информира и министерот за надворешни работи Никола Димитров штом се врати од Солун.
Амбасадорот во САД Васко Наумовски, кој до неодамна беше и преговарач во разговорите за името, на 17 јануари по средбата со посредникот Метју Нимиц и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис во Њујорк, изјави дека изнесените предлози се далеку од достоинствено решение.
„Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денес во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот денеска беа презентирани некои идеи за коишто сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение, но, сепак, овие предлози ќе бидат презентирани пред државно-политичкиот врв и тој ќе може да заземе став по ова прашање“, изјави тогаш Наумовски.
По средбата во Њујорк преговите за името со Грција не се водат на ниво на прговарачи туку меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Косијас.