Град Скопје заедно со Општините ќе почне со бележење на јавните површини до каде кафеанџиите може да поставуваат летни тераси. На 30 април истече рокот за поднесување барање за поставување летни тераси и во текот на месецов, инспекторите како што ќе ги издаваат одобренијата така ќе ги бележат тротоарите и пешачките улици до каде можат да се простираат масите и столиците на кафеаните.
Со оваа мерка, како што вели градоначалникот Петре Шилегов, ќе се стави крај на узурпираните јавни површини, односно угостителите сега нема да можат како ќе им текне да поставуваат летни тераси.
„Од понеделник ќе имаме координација со општините и заедно ќе ги одредуваме границите до каде може да се поставуваат летни тераси. Досега кафеанџиите поднесуваа барања и елаборати за летна тераса до Град Скопје, но на терен состојбата беше сосема поинаква од она што им е дозволено. Маси и столици се поставуваат надвор од дозволените граници и затоа јавните површини беа узурпирани и немаше место за пешаци. Угостителите кои сега ќе добијат одобрение за оваа летна сезона ќе мора да ги почитуваат измените. Општините ќе спроведуваат редовни контроли и сите кои нема да ги почитуваат условите од Правилникот ќе бидат санкционирани“, вели Шилегов.
Со измените на Правилникот за поставување на урбана опрема кои Град Скопје ги донесе на 11 април, на јавните површини на кои ќе се поставуваат маси и столици треба да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема, тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.
Со измените се предвидува угостителите во рамките на дозволената тераса да можат да постават и монтажна платформа со висина од 15 сантиметри, а настрешниците да бидат прицврстени со две греди кои треба исто така да се наоѓаат во рамките на обележаната површина за тераси.
А. АНТЕВСКА