Со музика на која работел изминативе 10 години, и која е инпирирана од македонскиот фолклор, пијанистот, вокал и композитор Дуке Бојаџиев, в петок и сабота ќе се претстави во Македонската филхарминија, со концертите насловени „Сон, верба, љубов“. За оптимистичкиот наслов на концерот во денешниве тешки времиња, Дуке вели дека не постои добро време или невреме.
„Сѐ е дел од приказната што се вика живот. Сѐ е перцепција, агол на гледање на работите. Верувам дека кога е најтешко потребата да шириме позитивна енергија е најголема. Во најтешките фази на мојот живот ги имам направено најголемите чекори. Секоја криза воедно отвара нови можности и хоризонти“, ни рече композиторот.
Бојаџиев веќе 17 години живее и работи во Њујорк. Има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ Беркли во Бостон. Низ неговата меѓународна кариера Дуке има креирано музика за многу филмови и соработувано со добитниците на Оскар Џонатан Деми и Данис Тановиќ, со артисти како Синди Лопер, настапувал на светски сцени како Карнеги хол во Њујорк, Авалон театар во Лос Анџелес.
Концертот ќе го отвори со нова музичка тема која специјално ја напиша за овој настап. Премиерно ќе биде отсвирена темата Катарина од филмот „Устав на Република Хрватска” на режисерот Рајко Грлиќ, во својата комплетна верзија, од која само дел беше користен во филмот. А претпремиерно, во аранжман специјално адаптиран за концертот, ќе биде изведена тема од новиот филм наеден од најславните ексјугословенски режисери, ветеранот Вељко Булајиќ, „Бегство кон морето“, кој ќе има премиера во текот на годинава.
Во Скопје со Дуке ќе настапат Тијана Дапчевиќ, актерката Наташа Петровиќ – вокал и нарација, реномираниот македонски уметник од Њујорк Исмаил Лумановски на кларинет, Костас Анастасиадис на тапани, Мартин Ѓаконовски на контрабас и стринг квартетот во состав: Владимир Крстев на виолина , Маја Ефремова-Шеќерова на виолина , Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело.
За гостите вели дека ги бира според проектот, како кастинг на глумци во еден филм. Додава оти не ги одбира само поради талентот , туку и по оригиналноста и сензибилитетот на проектот на кој работи.
Бојаџиев, кој последен пат настапи во Скопје пред три години, вели дека секогаш се чувстува возбуден на домашен терен.
„Деновиве се многу интензивни со сите подготовки за концертот и доста напорни но воедно весели и полни со радост“, кажа тој.
По концертите во Скопје, летово ќе настапи на Д фестивалот во Дојран со албумот „New York p.m.“. Тој албум е инспириран од Њујорк и неговата енергија, и на него работел изминативе две години. За тој проект најавува дека е нова фаза во неговото творештво која е фузија од електронска и филмска музика.
Билетите за првиот концерт речиси се распродадени, а за вториот концерт се продаваат на mktickets.mk.
Б. НЕСТОРОСКА