Вториот дел на Градскиот парк во Скопје е претворен во паркинг. Колони автомобили слободно влегуваа во паркот, а полиција и инспектори од Град Скопје немаше никаде, оти е недела.
На почетокот на стариот дел на паркот, веднаш до летните дискотеки викендов се одржува „Цветен фестивал“ во организација на Град Скопје и Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Рампата која е поставена во делот на кејот кај Луна паркот беше крената па возила можеа слободно да влегуваат. Пешачките патеки и тревата околу штандовите на кои се изложуваше и продаваше цвеќе беа блокирани од испаркирани автомобили. Редици возила имаше на сите страни. Дел од граѓаните со возилата си доаѓаа до штандовите и купеното цвеќе си го ставаа во багажникот. И оние кои доаѓаа на прошетка во парк го искористија слободниот влез во паркот па си ги паркираа колите на патеките и зеленилото.
Од Град Скопје и ЈП„Паркови и зеленило кои се надлежни за Градскиот парк не добивме oдговор зошто рампата кај Луна паркот беше кренaта и зошто дозволија автомобилите слободно да влегуваат и буквално да го блокираат паркот.
А. АНТЕВСКА