Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека со предлогот „Република Илинденска Македонија“, целта на македонската влада била да се најде решение во пакет, кое што ќе биде позитивно и за Македонија и за Грција, објави државната агенција МИА.
Шекеринска смета дека името „Република Илинденска Македонија“ претставува одлична база за решение, поради тоа што таа подразбира временска одредница, се поклопува со важни датуми од историјата и покажува дека Република Македонија ниту имала, ниту ќе има територијални претензии.
„Министрите за надворешни работи договорија еден пакет кој што двајцата премиери начелно го потврдија. Не случајно премиерот вчера јасно порача дека сметаме дека пакетот којшто беше усогласен нуди шанса сите да излезат од овој процес како победници“, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање по свеченоста на која беше одбележан 23 Мај – Меѓународниот ден на Власите.
Во однос на тоа дека предлогот кој го презентираше премиерот Зоран Заев ќе важи за внатрешна и надворешна употреба, Шекеринска рече дека сме врзани со пакет решение кое не може да се дроби на парчиња.
„Од првиот момент до денес, и македонските и грчките преговарачи кажуваат дека или ќе договориме сè или нема да имаме договор, дека пакетите се тие кои што не можат да бидат отворени и секој да си бира што сака, туку дека бараме решение кое што ќе даде одговор на сите прашања и кое ќе биде прифатливо за двете страни. Таков договор беше постигнат прво меѓу двајцата министри, а потоа начелната согласност беше дадена и од страна на двата премиери и тоа е пакет кој не може да се дроби на парчиња“, рече Шекеринска.