Грчкиот весник „Катимерини“ ги анализира можните потези на тамошните политичари по однос на предлогот „Република Илинденска Македонија“ и наведува дека Американците целосно го поддржуваат планот што е на маса. Ова доаѓа по вчерашниот телефонски разговор меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и американскиот потпретседател Мајк Пенс за преговорите со македонскиот премиер Зоран Заев.
Според „Катимерини“, основно сценарио за решение на спорот за името е „Република Илинденска Македонија“ без превод. За владата на Ципрас, ваквото име е основа за дискусија која што може да доведе до одржливо решение. Лидерот на опозициската Нова Демократија Кирјакос Мицотакис кажа дека не поддржува „Илинденска Македонија“ со англиски превод и во анализата се вели дека не се знае како ќе реагира ако предлогот дојде на гласање во парламентот. За Панос Каменос, министер за одбрана и коалициски партнер на Ципрас, се смета дека ќе се држи на дистанца, но нема да ја загрози коалицијата.
Според „Катимерини“, многу е важно како ќе реагира министерот за надворешни работи Никос Коѕијас. Тој повторно ќе се сретне со македонскиот колега Никола Димитров во четврток и петок во Њујорк, а ќе се врати во Атина по 10-дневна серија интензивни контакти во САД, Брисел, Берлин и Париз.
Ако планот биде усвоен во двата парламента, Македонија ќе добие покана за НАТО на самитот во јули и ќе почне претпристапни преговори со ЕУ, се предвидува во анализата на грчкиот весник.