За време на викендите и празниците бесплатно ќе биде возењето и во линијата 28 на ЈСП„Скопје“ која сообраќа од Транспортен центар до комплексот „Македонско село“. Оваа одлука е донесе на денешната седница на Советот на Град Скопје, со цел да се намали гужвата на паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“.
Откако лани во ноември се воведе забраната за движење на возила до Средно Водно, а пред еден месец на паркингот се дозволи паркирање но со наплата од 100 денари час, граѓаните се паркираат во Нерези. Паркингот и улиците секој викенд се блокирани од возила, па граѓаните бараа од градоначалникот Петре Шилегов да се воведе забрана и во овој дел.
Од Град Скопје велат дека со оваа одлука ќе ги стимулираат граѓаните да не одат со возила и додаваат дека работат на воведување на систем за наплата и на паркингот кај „Македонско село“, кој е сопственост на Македонската православна црква.
„Цениме дека на овој начин граѓаните ќе ги остават своите приватни возила и се повеќе ќе бидат мотивирани да го користат јавниот превоз за време на викенди и државни празници, а со тоа ќе се придонесе кон зачувување на природните убавини кои ги има планината Водно и подрачјето на Нерези“, се вели во образложението на градоначалникот Шилегов.
Град Скопје во ноември лани воведе две нови бесплатни линии 25А и 25Б до Средно Водно, за да се намали бројот на возила кои се движат на Водно.
А. АНТЕВСКА