Зинедин Зидан објави дека ја напушта клупата на Реал Мадрид, само пет дена по освојувањето на Лигата на шампионите.
„Го сакам овој клуб, но сега му треба еден поинаков глас. Сѐ се менува и затоа ја донесов оваа одлука“, кажа Зидан на прес-конференцијата во Мадрид.
Тој стана тренер на Реал во јануари 2016 година, како привремено решение по смената на Рафа Бенитес, за потоа трипати едноподруго да ја освои Лигата на шампионите.
„Овој тим треба да продолжи да победува, но му треба промена, нова методологија“, рече Зидан, за кого Реал Мадрид беше прва тренерска работа во кариерата.
Претседателот Флорентино Перес кажа дека ова е неочекувана одлука.
„Ова е тажен ден за мене и за сите во клубот. Но, кога кажа дека одлучил, ние моравме да го прифатиме тоа. Се обидов да го премислам, но тој е таков“, изјави Перес.