До февруари 2020 година Скопје ќе добие колектори за третман на отпадните води во реката Вардар. Министерството за животна средина со средства од Европската унија денеска стартуваше со градежни работи за изградба на колекторскиот систем, кој ќе ги собира отпадните води кои се влеваат во Вардар. Изградбата на колекторскиот систем е предуслов да се гради пречистителната станица во Скопје.
Изградбата на колекторскиот систем чини околу 10 милиони евра од кои околу 9 милиони евра се обезбедени од фондови на Европската унија, а останатиот дел од буџетот на државата.
„Ова е еден од проектите кој е финансиран од ЕУ и директно влијае на заштитата на животната средина и населението. Проектот предвидува изградба на 8 километри канализациска мрежа од двете страни на Вардар. Со изградбата на овој систем водите во реката Вардар ќе станат чисти и задоволство ми е што преку фондови на ЕУ ќе се реализира еден овој значаен проект во Скопје“, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар.
Колекторскиот систем ќе го гради француската фирма „НГЕ“ која, како што кажа амбасадорот на Франција во земјава Кристијан Тимоние, при градежните работи ќе употреби најсовремена механизација, односно машини кои можат да вршат 6 метри длабоки ископи.
По изградбата на колекторскиот систем со него ќе управува Град Скопје односно ЈП „Водовод и канализација“.
А. АНТЕВСКА