Долгиот апплауз во тактот на една од најубавите и најпопуларни танго-композиции на 20 век, „Либертанго“ ја поздрави бројната екипа на истоимената балетска претстава, која премиерно се изведе синоќа во полниот салон на Македонската опера и балет.
Препознатливите звуци на тангото, или танцот на страста, желбата, љубомората и љубовта не оставаат никого рамнодушен, па така публиката топло и искрено го поздрави одлично спакуваниот пакет со атрактивна музика, неокласични балетски чекори и елегантни костими и дизајн.
Кореографијата ја работеше реномираната италијанска кореографка и поранешна балерина, Сабрина Боско со асистентите кореографи Горан Божинов и Олга Панго, а либретото за богатата животна приказна на еден од најдобрите композитори за танго, Астор Пјацола и режијата се на Наташа Поплавска.
- ВО ТАНГОТО СЕ ВАЖНИ ЧУВСТВАТА, ВЕЛИ ИТАЛИЈАНСКАТА КОРЕОГРАФКА БОСКО ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БАЛЕТОТ „ЛИБЕРТАНГО“ ВО МОБ СО ПРИМАБАЛЕРИНАТА МИЈАЛКОВА И ПРВЕНКАТА ПОП-АЛЕКСОВА АТАНАСОВСКА
Приказната почнува со патот на италијанското семејство Пјацола до ветената земја Аргентина, за родителите на познатиот композитор, неговиот живот како дете и веќе како остарен, но и за неговата идеја да се занимава со џезот, класиката и музиката на трите народи на Италија, Шпанија и на Аргентина, за да заврши со познатото „Либертанго“ или „Танго на слободата“.
Во главните улоги настапија првенците на Балетот: примабалерината Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Мими Поп Алексова- Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска, Марија Јосифовска-Ристовска, како и уште дваесетина солисти и членови на ансамблот.
Сценографијата и костимите се на Александар Ношпал, а за дизајнот на светло беше задолжен Милчо Александров.
Впечатокот ќе беше комплетен доколку музиката се изведуваше во живо со Оркестарот, наместо на лента, но, како што вели уметничката директорка на Балетот, Олга Панго, немале доволно пари за да ги откупат авторските права, па така изборот на композиции го направиле заедно со уметничката директорка на Операта, Бисера Чадловска и со кореографката Боско.
Репризата е в сабота од 20 часот.
Б. НЕСТОРОСКА