ВО АТИНА СО СОЛЗАВЕЦ РАСТЕРАНИ ДЕМОНСТРАНТИ ПРОТИВ ДОГОВОРОТ СО МАКЕДОНИЈА

    ВО АТИНА СО СОЛЗАВЕЦ РАСТЕРАНИ ДЕМОНСТРАНТИ ПРОТИВ ДОГОВОРОТ СО МАКЕДОНИЈАПолицијата интервенирала со солзавец на демонстрантите кои се обиделе со подвижни скали да се качат во зградата на парламентот на централниот градски плоштад Синтагма. - (Фото: Ројтерс)

    Грчката полиција употреби солзавец за да ги растури демонстрантите пред парламентот во сабота попладне за време на дебатата за доверба на владата на Алексис Ципрас поради договорот за името со соседната Македонија.

    Владата на премиерот  Алексис Ципрас ја доби довербата на грчкиот парламент.

    Договорот кој треба да се потпише денеска во Преспа предизвика протести во двете земји.

    Во Атина опозициската Нова демократија покрена расправа за изгласување недоверба на Владата на Ципрас. Полицијата интервенирала со солзавец на демонстрантите кои се обиделе со подвижни скали да се качат во зградата на парламентот на централниот градски плоштад Синтагма. На протестот имало околу 5.000 демонстранти кои извикувале: „Предавници, предавници!“

    Во Македонија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ повика на протестен марш во Битола, град во близина на Преспа каде што ќе се потпише договорот.

    Договорот ќе го потпишат во селото Нивици (Псарадес) на грчката страна на Преспанското езеро министрите за надворешни работи Никос Коѕијас и Никола Димитров во присуство на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев. Јоханес Хан, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија, и Федерика Могерини, висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и заменик-претседателка на Европската комисија ќе присуствуваат на свечената церемонија на потпишување на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името.

    Владата на Македонија соопшти дека покрај Хан и Могерини на свечената церемонија ќе присуствува и Розмари Ди Карло, потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира