ЈАС И ПО ЦЕНА НА ЖИВОТОТ НЕМА ДА ГО ПРИФАТАМ КАПИТУЛАНТСКОТО ДЕЛО НА ЗАЕВ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО

    ЈАС И ПО ЦЕНА НА ЖИВОТОТ НЕМА ДА ГО ПРИФАТАМ КАПИТУЛАНТСКОТО ДЕЛО НА ЗАЕВ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТОПротестот на ВМРО-ДПМНЕ почна два часа по потпишувањето на договорот со Грција во Псарадес (Нивици) на грчката страна на Преспа, со поворка која тргна со погребни песни и стихови од панихиди од спортската сала во Битола кон градскиот плоштад (Фото: М. Златевска)

    Ова е капитулантска Влада, а Зоран Заев е Баронот Минхаузен, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкиски, на денешниот протест во Битола организиран против потпишувањето на договорот со Грција за промена на името. Протестот почна два часа по потпишувањето на договорот со Грција во Псарадес (Нивици) на грчката страна на Преспа, со поворка која тргна со погребни песни и стихови од панихиди од спортската сала во Битола кон градскиот плоштад. На протестот беа присутни околу 1.500 луѓе на чело демонстрантите носеа транспарент со цитат од Тодор Александров „Организацијата е народот и народот е организацијата“, и крст на кој пишуваше „Република северно од Македонија“.

    Мицкоски повтори дека ВМРО -ДПМНЕ „ќе се спротивстави со сите демократски и правни средства на оваа капитулација, нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име“ (Фото: СДК.МК)

    „Македонија е зафатена од силен ураган со име и презиме Зоран Заев. Имаме Влада која го има епитетот капитулантска. Не само што нема победа, нема славење, напротив луѓето тагуваат и плачат. Тоа е класичен пораз и капитулација. Во исто време овој ист човек ја лажеше јавноста дека нема да прифати промена на Устав со цел промена на уставното име. На вакви луѓе дури и Барон Минхаузен може да им позавиди. Ќе го нарекуваме Заев, Минхаузен”, рече Мицкоски и повтори дека ВМРО -ДПМНЕ „ќе се спротивстави со сите демократски и правни средства на оваа капитулација, нема да поддржи промена на Устав, а со цел промена на уставното име“.

    „Јас од срце кажувам и со здрав разум зборувам никогаш, по ниту една цена, макар таа да чинела и живот, нема да го поддржам ова капитулантско дело на Заев”, рече Мицкоски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира