ЗАПЛЕНЕТИ 10 ТОНИ ЛУБЕНИЦИ И ЗЕЛЕНЧУК ВО АКЦИЈА НА ГРАД СКОПЈЕ ПРОТИВ ДИВИ ПРОДАВАЧИ

    ЗАПЛЕНЕТИ 10 ТОНИ ЛУБЕНИЦИ И ЗЕЛЕНЧУК ВО АКЦИЈА НА ГРАД СКОПЈЕ ПРОТИВ ДИВИ ПРОДАВАЧИОд Град Скопје велат дека акцијата е спроведена по барање на околните жители, за да се стави крај на нехигиената и нередот што зад себе го оставаат нелегалните продавачи, како и по барање на продавачите што имаат закупено тезги.(Фото: Град Скопје)

    На неколку локации низ Скопје утрово се казнуваа и отстрануваа тезгите на дивите продавачи на зеленчук и овошје.

    Во акцијата на Град Скопје, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи казнети се 8 нелегални продавачи по основ прекршување на Законот за јавна чистота и запленета е над 10 тони стока. Како што информираат од Град Скопје интервенирано е по барање на граѓаните, на улицата Брадфорска во населба Козле, кај мостот „Влајко“ во Влае и на булеварот Трета македонска бригада во Аеродром.

    „Оваа акција беше спроведена по барање на околните жители, за да се стави крај на нехигиената и нередот што зад себе го оставаат нелегалните продавачи, како и по барање на продавачите што имаат закупено тезги на зелените пазари и уредно плаќаат за користење на тие тезги со цел заштита од нелојална конкуренција. Нелегалните продавачи на посочените локации минатата недела беа предупредени да ги отстранат своите импровизирани тезги, бидејќи во спротивно ќе им биде одземена стоката и ќе им бидат изречени казни“, велат од Град Скопје.

    Град Скопје минатиот месец спрoведе акција за отстранување на дивите продавачи на Бит пазар. Од Градот велат отстранувaњето на нелегалните продавачи од повеќе локации низ градот ќе продолжи и во наредниот период во насока на воспоставување ред за пофункционален и побезбеден град.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира