ВО ВЕЛЕС СЕ БАРААТ КАСАПИ НО НЕМА УЧЕНИЦИ, САКААТ ДА УЧАТ ЗА ГОТВАЧИ ЗА ДА РАБОТАТ НА БРОД

    ВО ВЕЛЕС СЕ БАРААТ КАСАПИ НО НЕМА УЧЕНИЦИ, САКААТ ДА УЧАТ ЗА ГОТВАЧИ ЗА ДА РАБОТАТ НА БРОДВо средното „Коле Неделковски“ за паралелката готвач се пријавиле 41 ученик иако ќе прима само 17. За 34 слободни места за касап се пријавиле само 7 ученици (Фото: СДК.МК)

    Во Велес има потреба од касапи, но нема ученици. Иако по завршувањето на тригодишното образование безмалку им е гарантирана работата и плата од околу 500 евра, нема интерес за оваа струка. Во Хемиското училиште „Димитрие Чупоски“  училиште ќе работи една паралелка со 34 ученици месопреработувачи, ако се запише потребниот број.

    „По првиот уписен рок имаме само седум ученици што се примени, останато се слободни места.  Од друга страна, од месната индустрија ‘Агриа’  бараат месопреработувачи веднаш. Така што, по завршувањето на образованието работата им е обезбедена со, за велешки услови, висока плата“,  вели  в.д. директорката на „Димитрие Чупоски“ Маја Хеско.

    Од друга страна, во средното „Коле Неделковски“ за паралелката готвач  се пријавиле 41 ученик  иако ќе прима само 17, и 17 за келнер. Ова е комбиниран клас  со тригодишно образование.  Големиот интерес за оваа струка кандидатите го објаснуваат со најавата дека уште со 14 години планираат да заминат од земјава.

    „Со диплома за готвач можам да конкурирам за работа на брод, за работа во угостителски објект во странство. Така што, веднаш по завршувањето си одам од Македонија “,  вели еден од примените  кандидати.

    Вообичаено, голем интерес за упис во средните школи во Велес има за медицинските струки во Хемиското и за компјутерски техничар во „Коле Неделковски“, кои се веќе пополнети.  Од друга страна, единствената фабрика за преработка на крзно во Македонија „Димко Митрев “ во Велес нема доволно квалификувана работна сила.

    „Во ниту едно од училиштата во градот со децении нема струка крзнар, кожар, иако имаме потреба од таков профил на работници. Бидејќи нема завршени стручни  средношколци, организираме разни обуки, курсеви за да може кандидатите  да работат кај нас“, вели претставник на кожарницата.

    П. ПЕЧКОВ  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира