Ја очекуваме и официјално поканата да станеме 30. полноправна членка на НАТО на Самитот за две недели, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во седиштето на Алијансата во Брисел.
„Република Македонија изгради мостови за решавање спорови со соседните земји. Договорите со Бугарија и со Грција го откочија процесот за конечно да добиеме покана за полноправно членство во НАТО. Чекор по чекор, за само една година нашата земја го постигна она што никој не можеше да го предвиди. Силната волја за решавање спорови деновиве ни донесе многу убави вести. Сега имаме за што да се обединиме“, рече Заев.
Столтенберг рече дека проблемот со името фрла сенка предолго време во регионот и сега е шансата за подобра иднина.
„Очекувам на самитот за две недели да бидете поканети на разговори за пристапување, а по финализирање на договорот, да влезете во НАТО. Без финализирање, не можете да го сторите тоа. Вратата на НАТО е отворена, не ја испуштајте оваа можност“, рече Столтенберг.
Според Столтенберг, влезот во НАТО може да се направи брзо, но потенцираше дека мора да се направат потребните промени во Уставот.
„Се надевам дека народот на вашата земја ја гледа оваа историска можност. Ако оваа можност се одбие, тогаш тешко е да се замисли кога ќе бидете толку блиску до НАТО. Останува луѓето да одлучат“, рече генералниот секретар на НАТО.