Управата за заштита на културното наследство даде конзерваторско одобрение за Офицерскиот дом во Битола, по што може да почне постапката за санација на објектот кој поради својата архитектонска убавина е наречен уште и битолски Версај. По добивањето на конзерваторското одобрение, Општината од понеделник почнува со подготвување на тендерска документација за обнова на дограмата.
„Кога се носеа буџетите на државно и локално ниво, 10 милиони денари беа овозможени од централниот буџет, но исто така беа издвоени и средства од локалниот буџет. Во меѓувреме, ја чекавме градежната дозвола од Министерството за транспорт и врски, но паралелно на тоа баравме и одобрение за конзервација од Управата за заштита на културното наследство. Тоа пристига деновиве, што значи дека Општината може да започне со изведбени активности. Од понделеник започнуваме со изготвување на тендерска документација за дограмата и на тој начин фактички започнуваме со почетокот на активности“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Во меѓувреме, се очекува и правно да се изврши трансферот на парите од централната власт за да се започне со санација на покривната конструкција на Офицерскиот дом.
Покрај 10 милиони денари одобрени од државниот буџет и 10 милиони денари од буџетот на Општина Битола зa 2018, за реконструкција на Офицерскиот дом Општината ќе аплицира за грант од ИПА2 фондот на Европската унија. Ако од таму добие над 71 милион денари, Општината ќе мора да кофинансира десет проценти од износот и Офицерскиот дом да се реставрира до крајот на 2019.
Ж. ЗДРАВКОВСКА