И Охрид воведе електронска наплата за паркирање. Наплатата од понеделник ќе се врши преку СМС систем и тоа преку телефонскиот кориснички број 144-644.
„ЈП ‘Билјанини Извори’ новиот систем на наплата за паркинг го применува согласно одлуката донесена од страна на Советот на општина Охрид од 14.06.2018 за давање согласност на Одлуката за степен на ограничување на паркирање (зонско паркирање) во општина Охрид. Од 02.07 2018 (понеделник), ЈП ‘Билјанини Извори’ започнува со примена на зонското паркирање како што е регулирано во одлуката на Советот на град Охрид“, соопштија од ова Јавно претпријатие кое стопанисува со паркинг просторот во градот.
Паркирањето ќе се наплатува секој ден од 7.30 до 3 часот. Корисниците на паркинзите упатство за начинот на уплата преку СМС ќе можат да видат на инфо таблите на сите улици каде што ќе се применува овој систем на наплата.
Паркирањето во Охрид, посебно во летниот период, е еден од најгорливите проблеми на градот. Во летните месеци низ охридските улици се движат преку 10 илјади возила од гости, кои на ривиерата доаѓаат со сопствен превоз и уште толку на охриѓани.
Локалната самоуправа прави напори да се дестимулираат охриѓани да ги паркираат своите возила во центарот на градот за да има повеќе слободен паркинг простор за гостите. Тоа го прави со определување на повисоки цени за паркинг во центарот и преку забрана за сообраќај во некои улици во централниот дел.
Д. ЧУБРИЌ