Запуштениот простор зад новата зграда на Македонската филхармонија, Град Скопје летово ќе го уреди во парк. Овој простор со години е непристапен. За да се стаса до Филхармонија се оди по кал и дупки оти нема асфалт ниту пешачки патеки. Постојано, преку ден и навечер е блокиран од возила, кои го користат како бесплатен паркинг простор.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека проектот е веќе изработен и дека летово ќе се стартува со градежни работи.
„Овој дел кој е во центарот на градот со години стои запуштен, а околу се наоѓаат културни институции. Ќе направиме нов парк во Мал ринг. Ќе биде поголем дури и од паркот ‘Жена борец‘. Наскоро ќе се почне со уредување на просторот, односно изведување патеки, струја, поставување клупи, канделабри и друга урбана опрема, а на есен кога ќе ја спроведуваме акцијата за зазеленување на градот и во него ќе засадиме дрвја и зеленило“, вели Шилегов.
Во есенската акција за садење на дрвја предвидено е да се засадат 8.000 садници на повеќе локации низ градот.
А. АНТЕВСКА