НИ СЕ ЗАКАНУВАА ДА МОЛЧИМЕ ЗА ДА МОЖЕ „ЈУГОХРОМ“ ДА ПОЧНЕ ДА РАБОТИ БЕЗ ФИЛТРИ, ВЕЛАТ ОД „ЕКО ГЕРИЛА“

    НИ СЕ ЗАКАНУВАА ДА МОЛЧИМЕ ЗА ДА МОЖЕ „ЈУГОХРОМ“ ДА ПОЧНЕ ДА РАБОТИ БЕЗ ФИЛТРИ, ВЕЛАТ ОД „ЕКО ГЕРИЛА“„Без веродостојна меѓународна гаранција за филтрите што ќе се постават нема да прифатиме никаква манипулација од страна на сопствениците на 'Југохром', без разлика што е во соработка со вицепремиерот Кочо Анѓушев. Сметаме дека е тенденциозно и опасно неговото инсистирање за реотварање на 'Југохром' паралелно со изградбата на филтрите, а не по завршувањето на нивната изградба“, рече Аријанид Џафери од „Еко герила“ (Фото: СДК.МК)

    Движењето „Еко герила“ од Тетово излезе со обвинение дека деновиве добивале закани и финансиски понуди со цел повеќе да не реагираат околу евентуалното стартување на „Југохром“ без да бидат доградени филтрите за пречистување на воздухот.

    „Во изминативе денови од страна на различни поединци добивавме пораки со финансиски понуди со цел да се замолчи ‘Еко Герила’ и да не реагира за ‘Југохром’. За ова е известена полицијата, а денес бараме и директна средба со премиерот Зоран Заев за да го информираме за овие закани и уцени. Исто така, за ова ќе ги информираме и амбасадите и организациите кои нé поддржуваа во нашата мисија за почиста животна средина. Валканите игри со мафијашки тенденции не само што нема да нè спречат, туку напротив, само ќе нé мотивираат да не се откажеме од нашата мисија. Граѓанската реакција ќе биде многу остра за секоја уцена од ‘Југохром’ или од одредени кругови од Владата“, изјави Аријанид Џафери од „Еко герила“.

    Од „Еко герила“ велат дека притисокот „Југохром“ да почне да работи без целосно да ги постави филтрите е поради тоа што во овој момент цената на феролегурите на светскиот пазар е многу висока. Но од ова еколошко движење не се задоволни само со поставување на филтрите.

    „Без веродостојна меѓународна гаранција за филтрите што ќе се постават нема да прифатиме никаква манипулација од страна на сопствениците на ‘Југохром’, без разлика што е во соработка со вицепремиерот Кочо Анѓушев. Сметаме дека е тенденциозно и опасно неговото инсистирање за реотварање на ‘Југохром’ паралелно со изградбата на филтрите, а не по завршувањето на нивната изградба“ посочува Џафери.

    Според последните информации добиени од „Југохром“, во фабриката пристигната е металната конструкција за филтрите која е направена во скопски ФАКОМ и во тек е нејзина монтажа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира