Во периферните делови на Битола како да е село, сѐ уште се чуваат овци, кози и коњи. Проблемот е тоа што сопствениците стоката слободно ја пуштаат да пасе низ јавните зелени површини во градот.
Во Градскиот парк, среде ден, ќе нагрне стадо кози кое ја пасе тревата и ги брсти засадените зимзелени дрвца. Освен во паркот, кози слободно се шетаат и околу новите згради подигнати во делот кај старата битолска Касарна, која, пак, требаше да биде елитна населба.
Битолчани фотографирале стадо овци како пасе во близина на стадионот „Под Тумбе кафе“ и околу железничката станица.
Коњи се чуваат во дивата населба Баир. Нив жителите ги користат да им ги влечат запрежните коли, со кои собираат стара пластика. Кога не ги товарат, стопаните коњите ги пуштаат да талкаат низ улици. Често знаат да се укотват на тревниците или под некој балкон од зграда, а јадат и од контејнерите. Битолчани бараат надлежните да ги откријат и казнат сопствениците на стоката, кои од Битола прават да наликува на сточен пазар.
„Добиваме редовни поплаки од граѓани дека овци и кози се пуштаат на испаша низ јавните зелени површини. Лошо е и тоа што со нив најчесто има и големи кучиња, кои во неколку наврати имаат нападнато минувачи. Не е мал градот, големо е селото“, вели Иван Чулакоски од советничката група Поинаку.
Од Општината велат дека општинскиот инспекторат врши редовен надзор и презема превентивни, но и казнени мерки против лицата кои ги прекршуваат законите и одлуките. Но, има ситуации кога сопствениците не се затекнати на терен.
Оттаму појаснуваат дека веќе имаат донесено одлуката за комунален ред во Општина Битола, па според член 103, на подрачјето на градот во границите на градежниот опфат се забранува чување на секаков вид ситна и крупна стока, перјеста живина и пчелни семејства. Забрането е задржување, напасување и хранење на стока и живина на јавните површини.
Доколку на јавна површина затекнат крупна и ситна стока (коњи, крави, овци, магариња, живина, мазги, кози и слично), без да е присутен сопственикот, истите по налог на комуналниот инспектор, се отстрануваат и сместуваат во посебен простор во Зоолошката градина во Битола до 15 дена. Сопственикот е должен да ги плати трошоците за отстранување, транспортирање и чување на добитокот, како и надомест на штетата, што животното ја сторило на зелена и јавна површина.
Ж. ЗДРАВКОВСКА