ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГО ЧИСТИ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ГО ЧИСТИ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАРАктерките од Драмски театар, Ирена Ристиќ и Сања Арсовска вчера се организираа преку Фејсбук, и утринава го чистеа Клинички центар (Фото: К. Попов)

    Град Скопје ќе преземе одржувањето на хигиената во Клиничкиот центар, соопштија денеска оттаму, откако повеќе недели има расфрлано ѓубре и полни канти за отпадоци пред клиниките.

    „Апелираме до граѓаните за разбирање во овој преоден период додека не ги решиме правните аспекти на набавката, а кога Град Скопје ќе ја преземе одговорноста за комуналната хигиена во Клинички центар, ќе се реши проблемот со отпадот во кругот на болниците. Јавните претпријатија ќе го дадат својот максимум во грижата за хигиената во градот, но за трајно да се реши проблемот со отпадот особено значајна е поддршката од граѓаните. Апелираме до граѓаните љубовта кон нашиот град да ја покажат и преку грижа за хигиената на просторот околу нив и секој да се погрижи отпадот да биде фрлен во поставените корпи и контејнери“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

    Градот денеска му донираше на Клиничкиот центар 15 корпи за отпадоци, кои беа заменети од Градскиот парк.

    Од денешната акција за чистење на македонските културни работници (Фото: К. Попов)

    Откако вчера преку Фејсбук се организираа, утрово неколку актерки и културни работници, на чело со Сања Арсовска, претседателка на Синдикатот на културата и културните работници ги чистеа парковите во клиниката кои беа полни со расфрлани отпадоци.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера кажа дека проблемот со ѓубрето на Клиничкиот центар настанал претходно кога ингеренциите од Јавната установа од областа на здравството за потребите на скопските клиники, биле префрлени на Министерството и дека сега преговараат со ЈП„Комунална хигиена“ да го преземе чистењето на Клинички.

    „Сега правниците работат на правната рамка за да може чистењето да го преземе ‘Комунална хигиена’ и сигурен сум дека во скоро време ќе најдеме решение“, кажа Филипче.
    Тој рече дека веќе нема да распишуваат тендери за избор на приватни фирми и дека парите може да одат во јавните претпријатија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира