Слобода за Здравко и Владимир со транспаренти и со скандирање на нивните имиња бараа вечерва демонстрантите пред Министерството за правда. Судот вчера го одложи нивното судење за 10 јуни и им го продлжи куќниот притвор.
Здравко Савески и Владимир Куновски од Левица се обвинети за демолирање на Канцеларијата на претседателтот Ѓорге Иванов.
Иако се задржаа пред Министерството за правда, вечерва демонстрантите не фрлаа боја на фасадата ниту пак ја боеја Канцеларијата на претседателот покрај која поминаа без задржување. Колоната сврте по улица Македонија па предку Плоштадот продолжи под Порта Македонија. Полицајците трчаа од една на друга страна низ Плоштадот оти шарените ненајавено свртеа по улица Македонија.
Единицата за боење антика и чаталење вечерва се докажа пред Влада. Ја шараа фасадата со големиот чатал.
Демонстрантите на зборното место, пред СЈО, ги изненади поранешната амбасадорка на Холандија во Македонија, Симоне Филипини, која дојде да им даде поддршка.
Шарените се собираа од сите страни на градот. Ги имаше повеќе од вообичаено на зборното место, но како се движат низ улиците така им се приклучуваат и нови демонстранти. Специјална единица за боење пристигна меѓу првите. Вечерва промовира ново име – Единица за боење антика и чаталење. Налепница со новото име на единицата е залепена на комбето кое ја вози муницијата и разгласот на шарените. На друга напленица пишува „Нозете на Грујо нов чатал“.
Шарени сме убави, слатки ко бонбони“ пишува вечерва на централниот транспарент на Шарената револуција. И вечерва, како и вчера, демонстрантите не ја откриваат трасата по која ќе се движат.
„Со секое нивно заплашување стануваме побројни, похрабри и поистрајни во борбата. Нашите другари, борци за човекови права, се’ уште се држат во притвор, а останати демонстранти се приведуваат и легитимираат. Но, тоа нема да не’ спречи и нема да ја намали одлучноста која секојдневно се гледа низ улиците. Како што не може да се уништи идеја, така не може да се угуши разбудениот граѓански револт. Промената за која се зборува е веќе тука, таа промена сме ние, освестените граѓанки и граѓани. Тука сме, остануваме на улица до целосно разрешување на кризата и ќе бидеме тука и при градењето на новите демократски вредности. Ќе има првда, ќе има мир! Се’ до тој ден, се гледаме на улица. Секој ден во 6. СЈО“, ставија на Фејсбук профилот организаторите од „Протестирам“.