ШИЛЕГОВ ЌЕ ИМ ОДРЕДУВА НА СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ШТО ДА ВЦРТУВААТ ВО ДЕТАЛНИТЕ ПЛАНОВИ ЗА ДА СПРЕЧИ НЕХУМАНИ ГРАДБИ

    ШИЛЕГОВ ЌЕ ИМ ОДРЕДУВА НА СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ШТО ДА ВЦРТУВААТ ВО ДЕТАЛНИТЕ ПЛАНОВИ ЗА ДА СПРЕЧИ НЕХУМАНИ ГРАДБИШилегов вели дека со регулациските планови ќе се обезбеди ред во урбанистичкото планирање на подрачја низ градот кои не биле урбанизирани или урбанизацијата била спорна и со нив ќе се гарантираат одредени стандарди на живеење, како и повеќе зелени површини (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје преку интервенции во Генералниот урбанистички план (ГУП) ќе им одредува на Општините што може да вцртуваат во деталните урбанистички планови. По налог на градоначалникот Петре Шилегов ќе се донесат 23 регулациски планови на Генералниот урбанистички план, со што ќе се органичува вцртувањето маркички за згради и деловни објекти.

    Шилегов вели дека со регулациските планови ќе се обезбеди ред во урбанистичкото планирање на подрачја низ градот кои не биле урбанизирани или урбанизацијата била спорна, и со нив ќе се гарантираат одредени стандарди на живеење, како и повеќе зелени површини.

    „Ставаме ред во урбанистичкото планирање. На овој начин правиме доразработка на стандардите во ГУП-от и стеснување на просторот за манипулирање на Oпштините во донесувањето на деталните урбанистички планови. Определуваме кој тип на определени градби мора да ги предвидат и во кој обем, за да спречиме нехуманите градби кои го намалуваат квалитетот на живот во градот“, вели Шилегов.

    Досега се изработени три регулациски планови кои беа презентирани на вчерашната седница на Советот на Град Скопје.

    Првиот план е за потегот од хотелот „Александар Палас“ до Капрош 4 кој, како што кажа Шилегов, ќе биде простор со 60 отсто зеленило. На овој потег се ограничува можноста за вцртување маркички за станбени и деловни објекти и покрај зелени површини се предвидува основно училиште, градинка и хотел. Делот покрај реката Вардар ќе биде заштитен, односно таму нема да смее да градат објекти.

    Со вториот регулациски план се уредува делот кај кванташкиот пазар во Општина Гази Баба, каде се предвидува пробивањето нови улици и уредување парцели во индустриската зона, а третиот план е за делот во населбата Влае каде се гради комплексот згради „Александрија“ и се однесува на проектирање нови пристапни и сервисни улици.

    „Просторот во Карпош ќе биде со најмногу зеленило по глава жител во цело Скопје. Коригираме веќе донесени детални урбанистички планови, кои се закануваат трајно да осакатат делови од градот. Квалитетот на живеење мора да биде примарен, наспроти маркичките, катноста и бројот на станови, што беше лајтмотив во донесувањето на ДУП-ови во изминатите години. На секој начин гледаме да ги искористиме нашите ингеренции за да го заштитиме просторот“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира