Скопското јавно обвинителство пред околу две недели добило втора опомена пред тужба од Бирото за судски вештачења за неисплатен долг во висина од 30.000 евра, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК Јавниот обвинител на Скопје Сашо Рајчев. Пред Основниот суд Скопје 2 Скопското ОЈО е застапено од Државниот правобранител на Македонија.
Бирото за вештачења е орган на Министерството за правда. Во Јавното обвинителство на Македонија велат дека нема пари да се плати долгот, ќе се обидат да се снајдат со средства за други намени, за да не се блокира работата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, каде се сконцентрирани најголемиот дел од истрагите во Македонија.
Според неодамна избраниот главен скопски обвинител Рајчев, слабиот буџет не е единствениот проблем со кој се соочува институцијата.
„Истражен центар петта година по донесувањето на Законот за кривична постапка сè уште не е формиран. Кога треба да се отвори предистражна постапка, обвинителот мора да пишува писмена наредба до Министерството за внатрешни работи, до Финансовата полиција или до Царинската управа на Македонија. Тој процес е бавен. Наредбата оди преку секторот за аналитика на МВР, па се чека од таму да одобрат истражители. Во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), еден обвинител има десетина истражители на располагање 24 часа во денот“, вели Рајчев.
Но она што ја отежнува работата во најголемото обвинителство, според него, е недостигот на кадри.
„Со изборот на 8 обвинители во Организиран криминал и 5 во СЈО, чии функции во ОЈО Скопје се во мирување, останаа 13 празни обвинителски места. Плус 2 претходно упразнети, тоа се вкупно 15 празни места. А обемот на работата е зголемен три-четири пати. Еден стручен соработник го делат тројца, па и четворица обвинители, место да е обратно. Еден дактилограф е делен од тројца обвинители“, вели Рајчев за состојбите во ова обвинителство.
За жал, вели тој, во основните јавни обвинителства не може да се бираат обвинители од еснафот, од редот на стручните соработници, туку мора да се чека Академијата за судии и јавни обвинители да продуцира доволно кадри, што не оди брзо.
С. К. ДЕЛЕВСКА