Доналд Трамп го поканил Владимир Путин да ги посети САД наесен, соопшти портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.
Таа напиша на Твитер дека веќе се почнати разговори за организирање ваква средба.
Двајцата лидери во понеделникот го одржаа првиот самит во Хелсинки и во јавноста излегоа малку детали за таа средба, на која присуствуваа само уште преведувачите.
Москва засега молчи по прашањето за можната втора средба Путин-Трамп. Ниту еден руски лидер не ја посетил Белата куќа речиси десет години.
Самитот во Хелсинки заврши со големи контроверзи и Трамп мораше да ги исправа своите зборови по враќањето во САД, откако во прв момент кажа дека му верува на Путин дека Русија не се мешала во изборите во 2016 година.
„Овие разговори беа голем успех и едвај чекам повторно да се сретнеме, за да можеме да почнеме да спроведуваме важни работи за коишто дискутиравме“, напиша Трамп на Твитер вчера.
Директорот на Националната разузнавачка служба Ден Коутс вели дека е изненаден од најавите за можното доаѓање на Путин во САД.
„Тоа ќе биде нешто навистина посебно“, изјави тој низ смеа.