ВМРО-ДПМНЕ го предупреди парламентарното мнозинство дека своеволното и неделовничко однесување во Собранието ќе има последици за демократијата во Македонија.
„Парламентарното мнозинство го приватизира Собранието. СДСМ и ДУИ се навикнаа да го кршат Уставот, законите, и собранискиот Деловник. Скандалозно, неделовнички и со двојни аршини е однесувањето на претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби. Во Собранието не важи ниту едно правило, ниту една процедура, важи само волјата на мнозинството“, изјави Драган Данев, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Координаторот Данев рече дека мнозинството го злоупотребува европското знаме со ставање на законите, и пратениците од владејачките партии прават неделовничко преземање на ингеренции на други комисии.
„Секогаш кога ова парламентарното мнозинство сака нешто да протурка набрзина и на мала врата го користи европското знаменце и Комисијата за европски прашања. Изборниот законик никогаш не се носел без консултации со опозицијата и никогаш не се разгледувал на Комисијата за европски прашања. Овој закон нема никаква допирна точка со европско знаме и усогласување на македонското законодавство со тоа на ЕУ“, рече Данев.
По паузата од два часа, координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими, побара нова пауза, за да се провери дали добро и литературно се преведени амандманите на албански јазик согласно Собранискиот деловник и законите.
Груби даде пауза до 17.30 часот. Расправата во Комисијата треба да заврши на полноќ.
По барањето на Алими, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Данев, рече дека Алими покажува неколегијалност и потврдува дека власта не сака да води дебата.
На Комисијата за европски прашања се разгледуваат околу 400 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Расправата и гласањето треба да заврши на полноќ. За в понеделник е најавено дека измените ќе бидат ставени на пленарна седница. Потоа Комисијата за европски прашања треба да го утврди составот на Државната изборна комисија.
Г. ТРПЕНОСКИ