Клиничката болница во Штип во четвртокот исплатила долг од 145.000 евра на вработените по основ на дежурства и прекувремена работа, соопшто в. д. директорот Ален Георгиев, со што се измирени половината од побарувањата на 500 вработени, претежно доктори и медицински сестри.
„Дел од медицинскиот персонал поради неисплатените надоместоци за дежурства и прекувремена работа проба да си ги наплати парите со тужби. Како ново раководство одлучивме да го решиме наследениот проблем без да одиме на суд“, вели Георгиев.
Тој вели дека болницата на докторите и на сестрите им понудила спогодба за враќање на долгот, но без камата за да не се прави поголема штета за буџетот на болницата. Пооголемиот број вработени ги прифатиле спогодбите, освен десетина диоктори и медицински сестри кои останале на своите тужбени барања, велат од болницата.
Директорот Георгиев вели дека станува збор за проблем што е наследен од минатото раководство и дека не се проблем само долговите кон вработените, туку и кон добавувачите. Тој вели дека успеал да ги намали долговите што порано ги создала трансфузиологија, па од вкупните 390.000 евра биле вратени 290.000 евра. Клиниката, исто така вложила 160.000 евра сопствени средства за набавка на нова опрема.
Т. ЈОВАНОВ