ПРОТИВПОЖАРНИОТ ВОЗ СО ДОЦНЕЊЕ ОД ЕДЕН МЕСЕЦ ПОЧНА ДА ВОЗИ

    ПРОТИВПОЖАРНИОТ ВОЗ СО ДОЦНЕЊЕ ОД ЕДЕН МЕСЕЦ ПОЧНА ДА ВОЗИВозот е со капацитет од 40 тони вода, лоциран на железничка станица Велес и ја покрива територијата на пругите до Кочани, Гевгелија и Битола (Фото: СДК.МК)

    Од вчера, Македонски железници инфраструктура го пушти во сообраќај противпожарниот воз (ППВ), кои интервенира во случај на пожар покрај пругите. Оваа година возот е ставен во употреба со задоцнување од еден месец, а причината, како што велат од Македонски железници, е што тој се користел за прскање на околината од пругите.

    „Изминатиот период возот имаше хемиска намена, прскаше по околината на пругата на сите делници во земјава, превентивно, со што се отстрануваат зеленилото и тревата. Така непречено ќе се одвива патничкиот и товарен сообраќај, без можност од искрење да се запали по должина на пругата. Од денес служи за гаснење на евентуални пожари“, изјави Петар Спасовски помошник директор за правни работи во МЖ Инфраструктура.

    Возот е со капацитет од 40 тони вода, лоциран на железничка станица Велес и ја покрива територијата на пругите до Кочани, Гевгелија и Битола. Противпожарниот воз го опслужуваат четири групи вработени железничари со противпожарен курс. Секоја група има по три пожарникари кои дежураат 24 часа, и во секој момент обезбедена локомотива. Освен што ќе гасат пожар покрај железничката пруга, тие можат од нивните вагони да препумпуваат вода во противпожарните возила. Така се штеди на време, но и се помага на противпожарните возила кои се на терен. ППВ ќе биде во функција до крајот на септември. Минатата година имал само три интервенции.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира