„ЦРНИОТ ЧЛЕН НА КЈУ-КЛУКС-КЛАН“ ЌЕ ГО ПОТОПИ ТРАМП, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ СПАЈК ЛИ

    „ЦРНИОТ ЧЛЕН НА КЈУ-КЛУКС-КЛАН“ ЌЕ ГО ПОТОПИ ТРАМП, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ СПАЈК ЛИФилмот е приказна за вистинскиот живот на Рон Сталворт, црн полицаец во Колорадо кој во 1978 тајно се инфилтрирал во Кју Клукс Клан. Режисерот Ли со Џон Дејвид Вашингтон кој го игра Сталворт во филмот

    Режисерот Спајк Ли се надева дека неговиот нов филм „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“, кој од вчера игра во кината низ САД, ќе ги поттикне Американците да не гласаат за втор мандат на претседателот Доналд Трамп. Премиерата на новиот филм на Ли беше на Канскиот фестивал, на првата годишнина од насилните протести во Шарлотсвил, Вирџинија, каде што маршираа бели националисти и беше убиен демонстрант.

    Филмот е приказна за вистинскиот живот на Рон Сталворт, црн полицаец во Колорадо кој во 1978 тајно се инфилтрирал во Кју Клукс Клан. Џон Дејвид Вашингтон го игра Сталворт во филмот, а Адам Воитер го игра неговиот партнер.

    „Се надевам дека публиката ќе биде мотивирана да излезе да гласа. Времето поминува, овој човек во Белата куќа ќе се кандидира повторно, и она низ што поминуваме сега е доказ за тоа што се случува кога луѓето не излегуваат да гласаат“, изјави Ли.

    Ли е познат по неговите филмови кои се занимаваат со односите меѓу расите во САД и смета дека расизмот во 2018 во САД е исто толку распространет како кога почнал да снима филмови. Ли, кој одбива да го каже името на Трамп, а наместо името го користи називот „портокалов агент“ (или портокалов реагенс, според истоимениот смртоносен хербицид што американската војска го користеше во војната во Виетнам), има силна порака за претседателот и неговите поддржувачи на крајот од филмот: има инсерти од Трамп заедно со снимките од минатогодишните насилни протести во Шарлотсвил.

    Сепак, Ли се надева дека Трамп ќе го види филмот.

    „Имаат кино -сала во Белата куќа, би сакал Портокаловиот агент и Дејвид Дјук (поранешен ‘Голем волшебник’ на Кју- Клукс- Клан) да го видат овој филм во Белата куќа. Јас нема да дојдам, но тие се таму, и треба да го видат филмот“, рече режисерот.

    Ли се надева дека неговите филмови служат како временска машина за идните генерации.

    „Многу сум горд на мојата работа. Работам многу напорно, го работам мојот занает, го усовршувам мојот занает и мислам дека мојот филм, како и некои од моите филмови, би можеле да се користат како временски машини за да се види што се случувало“, рече тој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира