Дванаесет години за убиство и две години за помагање добија казна затвор две лица од Гевгелија. Кора Ибраимов (32) како сторител доби 12 години, а Ромео Колетиќ (44) како помагател доби две години затвор. И двајцата во Основниот суд – Велес беа прогласени за винови откако го признаа делото, кажаа дека се чувствуваат за виновни, се каат за стореното. Ибраимов дури рече дека било „несакајќи“.
Убиството се случи на 21 ноември лани околу 6,30 часот во домот на Колетиќ во Гевгелија, кога според обвинението, на „свиреп начин“ бил убиен Благој Ристов (41). Починатиот бил гостин кај Колетиќ претходната вечер, а околу 22 часот, дошол Ибраимов. Сите заедно пиеле алкохол. Во еден момент настанала вербална расправија во која Ибраимов го обвинил Ристов дека му го украл мобилниот телефон. По ова, обвинетиот за убиство го тепал со тупаници Благој во пределот на лицето, а потоа на главата, па го удирал од ќумбето. Потоа земал гајтан од струја и со него го мавал по главата и телото. Откако Ристов престанал да дава знаци на живот, Ибраимов и Колетиќ го преместиле телото во друга просторија, а потоа Колетиќ се обидел да ги прикрие трагите чистејќи ја просторијата од крв додека Кора си заминал.
И двете сега осудени лица, кога го сториле делото биле во тешко пијанство. Кај Ибраимов биле констатирани 4,56 промили алкохол во крвта, а кај Колетиќ 2,53 промили алкохол.
П. ПЕЧКОВ