За децата болни од малигни заболувања кои се лекуваат на Клиниката за детски болести денес се отвори дневен центар за психосоцијална поддршка „Собата на Жозеф“. Во рамки на проектот, кој се реализира на иницијатива на Здружението за борба против рак „Борка“, освен психолошка поддршка за децата и нивните семејства, во дневниот центар ќе се одвива и одделенска и предметна настава.
Директорката на Клиниката за детски болести д-р Катерина Ставриќ, кажа дека во рамки на проектот ангажирале пет одделенски и три предметни наставници, и дека вработиле уште еден психолог со што тимот од психолози е зголемен на четири.
„Овој тим освен со децата со аутизам што се лекуваат кај нас, работи и со децата од одделот за онкологија“, вели д-р Ставриќ.
Тимот од учителки е ангажиран за овие деца, бидејќи тие и по неколку месеци остануваат на лекување на клиниката и потоа многу тешко по враќање на училиште го надоместувааат пропуштените училишни содржини.
Центарот е отворен со поддршка од Град Скопје, Општина Центар, МЕПСО, ЕЛЕМ, веледрогеријата „Д-р Пановски“, „Студио Јанковска“, „Арс ламина“, „Квик степ“. Со донации е обезбедено функциониранњето на оваа соба за една година. Министерот за здравство Венко Филипче, кажа дека во иднина државата ќе обезбеди средства да продолжи реализацијата на овој проект за психо-социјална поддршка, а дека ќе обезбедат и психосоцијална поддршка и за другите пациенти болни од малигни заболувања.
Биба Додева, претседателка на здружението „Борка“ кажа дека со центарот треба да им се помогне на децата полесно да минат низ процесот на лекување на ракот и да се надмине стигмата за ракот дека е неизлечива болест.
„Додека се грижиме за иднината, за тоа што нашите деца ќе станат утре, да не заборавиме дека тие и денес се некој. Денес да им дадеме поддршка, љубов и надеж за подобро утре“, рече Додева.
Е. БОЧВАРОСКА