Вечерва почна поставувањето на бројчаникот на Порта Македонија во центарот на Скопје, кој ќе покажува колку пари се украдени за време на 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и колку пари се вратени.
Бројчаникот се поставува со кран и ќе стои на терасата на Портата.
„Тоа е едно ветување кое јас го дадов како опозиција и барајќи ја довербата на граѓаните. Во буџетот на Владата нема вакви пари, овој бројчаник кој е електронски приватно го плаќам од мои сопствени пари и ќе биде дониран на Министерство за култура под чија надлежност е Портата. Откако ќе бидат вратени сите пари, бројчаникот ќе ја покажува температурата, географската ширина и должина на Скопје“, рече денеска премиерот Заев.
Колку чини бројчаникот и неговото поставување од Владата не знаат. Велат: „Тоа го знае само Заев, ако сака да ви каже обратете му се нему.“
Од Владата вчера изјавија дека од ефикасноста на правосудството ќе зависи кои пари први ќе се вртат на бројчаникот.
Досега, правосилна пресуда за враќање на пари во буџетот има само новинарката Ивона Талевска. Таа беше осудена за затајување данок во износ од околу 50.000 евра и за една година во буџетот треба да врати 1.145.900 денари.
Пари во буџетот врати и поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ. Поради оштетување на буџетот при изградбата на пешачкиот мост „Око“, исто така дел од проектот „Скопје 2014“, Тодоровиќ врати 443.000 евра.
Порта Македонија имаше симболична улога во Шарената револуција пролетта 2016. Со речиси секојдневно фрлање боја на белиот мермер демонстрантите го излеваа гневот собиран од 2009, кога почна реализацијата на мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ за кој Владата на Никола Груевски потроши над 600 милиони евра од државниот буџет.
А. АНТЕВСКА