Владата преку снимка им презентираше на граѓанските иницијативи колку дрвја ќе се сечат на Водно, велејќи им дека оваа е траса со најмала штета, но активистите и понатаму бараат гасоводот да не се гради низ парк шумата. На дебататa која се одржа во Град Скопје, дојдоа претставници на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“, претставници на невладини организации од Тетово, Гостивар, граѓани, министрите за траспорт и врски Горан Сугарески, за економија Крешник Бектеши, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, директор на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи, а модератор беше градоначалникот Петре Шилегов.
Изградбата на гасоводот ќе биде стопирана додека траат најавените следни дебати.
Активистите од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ им рекоа на надлежните да им докажат дека оваа е единствената траса по која може да минува регионалниот гасовод за Тетово и Гостивар.
„Зошто мора да минува низ Водно, имаме податоци дека има други 4 траси. Финансиските последици не треба да бидат единствени кои ќе влијаат на одлуката. Вие градите низ заштитена зона. Не му го земајте воздухот на Скопје, да им однесете гас другите градови“, рече Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.
Директорот на МЕР Бајрам Реџепи преку видео презентација, односно преку снимка од целата траса на Водно каде ќе минува гасоводот, презентираше каде и колку дрвја ќе се сечат.
„Трасата на гасоводот која минува на водно е 9,3 киломтри од вкупната должина од 76 километри. Сечење на дрвја има само од 21,5-от до 24–от километар од трасата, односно само на 2,5 километри минува низ дрвна маса. Во тој дел ќе се исече 1, 7 хектари дрвна маса од вкупната 2.593 хектари што ја има на Водно. Не е точно дека низ дел на Водно каде минува ќе се сечат дрвја, на поголемиот дел се грмушки и карпести површини. За алтернативните траси преку Скопска Црна Гора и преку обиколницата сечата ќе биде иста, дури и поголема. Проблем на овој дел е што има вкрстување главните цевки од изворот Рашче“, рече Реџепи.
Тој кажа дека финансиската штета која би ја имала државата ако се прекине со изградба на оваа траса би била околу 20 милиони евра, односно 7,8 милиони евра се потрошени за експропријација, проектирање, а околу 9,7 милиони евра за досегашните градежни работи.
Од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ му одговорија на Реџепи дека парите не треба да бидат оправдување и дека ако сакаат има начин како да се заобиколат цевките од изворот Рашче, односно во тие делови гасоводот да минува над земја.
Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули рече дека, за жал, Водно не е заштитено подрачје и дека треба да се донесат закони со заштита на Водно и Матка, со кои ќе се знае што може, а што не може да се гради.
„На 2 ноември 2015 година имало јавна дебата за изградбата на гасоводот и некој не се пријавил да учествува на неа. Според студијата за животна средина, оваа траса е најсоодветна бидејќи ќе има најмало оштетување, односно шумите имаат мало значење, на трасата повеќе има нискостеблеста шума и ќе има најмало оштетување на животинскиот свет“, рече Макрадули.
На дебатата говореа и преставници од невладина организација од Тетово, кои бараат надлежните да продолжат со изградбата на гасоводот, затоа што Тетово е еден од најзагадените градови и велат дека гасоводот им е потребен на тетовчани.
Јавната дебата траеше два часа, по што модераторот Шилегов им рече на присутните дека дебатата ќе продолжи и понатаму, односно со средба во Министерството за животна средина.
А. АНТЕВСКА