42 ОТСТО ОД УЧЕНИЦИТЕ НА ВОЗРАСТ ОД 13 ДО 15 ГОДИНИ ДОЖИВЕАЛЕ НАСИЛСТВО ОД ВРСНИЦИ ВО УЧИЛИШТЕ, УНИЦЕФ СО КАМПАЊА „КРАЈ НА НАСИЛСТВОТО ВО УЧИЛИШТАТА“

    42 ОТСТО ОД УЧЕНИЦИТЕ НА ВОЗРАСТ ОД 13 ДО 15 ГОДИНИ ДОЖИВЕАЛЕ НАСИЛСТВО ОД ВРСНИЦИ ВО УЧИЛИШТЕ, УНИЦЕФ СО КАМПАЊА „КРАЈ НА НАСИЛСТВОТО ВО УЧИЛИШТАТА“„Училиштата треба да бидат места каде интегритетот и човечноста на секое дете и наставник бескомпромисно ќе се почитуваат и каде за ова ќе постојат мерки, обука и следење“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. (Фото: СДК. МК)

    Во Македонија 42 отсто од учениците на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека доживеале врсничко насилство во и околу училиштето, покажа најновиот извештај на УНИЦЕФ. Во светски рамки половина од учениците на оваа возраст, или 150 милиони, пријавиле дека доживеале насилство од врсниците, малтретирање и физички пресметки во и околу училиштето.

    „Во извештајот се дадени убедливи докази за потребата да се преиспита како насилното однесување се контролира во образовниот систем и во заедницата како целина. Ниедно дете не треба да се плаши да оди на училиште. Сепак, за многу голем број ученици од светот училиштето не е безбедно место“, вели Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ во Македонија.

    Тој рече дека главен предизвик за земјата во наредниот период е да поттикне развој на образовниот систем во чекор со балканските и европските соседи, што е и клуч за економската конкурентност и долгорочниот социјално-демократски развој на општеството.

    „Но, не може да го подобриме успехот во учењето, ако нашите деца не се чувствуваат безбедно и сигурно на училиште. УНИЦЕФ објави извештај и започна глобална кампања против насилството и малтретирањето во училиштата, за да го привлече вниманието на креаторите на политики и на заедниците“, кажа Перкс.

    Насилството во училиштето е резултат на насилство или запоставеност дома во семејството. Семејното насилство, вели Перкс, има силно негативно влијание врз развојот на самодовербата и делотворноста на умот на детето.

    „Насилството предизвикува токсичен, постојан стрес кој прекумерно ги активира деловите од мозокот што предизвикуваат импулсивност и насилство, а ги деактивира деловите одговорни за самоконтрола, фокус во учењето, претпазливост и интегритет. Децата кои трпат семејно насилство и негрижа се исклучително подложни на ризикот да станат сторители или жртви на насилство при турбулентниот и ризичен премин во адолесценцијата. Понекогаш, одлуките што детето ќе ги донесе во адолесценцијата имаат влијание врз целиот негов живот“, вели Перкс.

    Според Светската здравствена организација 30 отсто од децата во земјава се изложени на запоставеност, а податоците на УНИЦЕФ велат дека 52 отсто трпат физичко насилство во домот.

    „Образовните системи не треба да го спречуваат насилството само во училиште. Тие треба да се обидат да го намалат и ефектот од насилството дома и на тој начин да им обезбедат напредок на сите деца“, вели Перкс.

    Според УНИЦЕФ потребни се три клучни мерки за намалување на насилството во училиштата.

    Прво треба да се создаде училишна средина во која секој ќе се чувствува безбедно, сигурно и ќе има чувство на припадност.

    „Припадноста е особено важна за ублажување на долгорочните доживотни последици од запоставеноста на детето дома. Училиштата треба да бидат места каде интегритетот и човечноста на секое дете и наставник бескомпромисно ќе се почитуваат и каде за ова ќе постојат мерки, обука и следење“, вели Перкс.

    Втората мерка е училиштата да бидат информирани за ефектите од траумата и да прифатат дека семејното насилство е насекаде и дека образованието треба да се спроведува на начин со кој ќе се ублажи и ќе се намали хаотичното влијание од семејното насилство врз развојот на мозокот на детето, при што ќе му се помогне да се концентрира на учењето.

    Третата мерка е училиштата да имаат едукација за карактерот, при што децата ќе градат основни знаења и вредности кои ќе им помогнат да се снајдат со ризиците и да развијат атрибути со кои ќе се гордеат нивните семејства, заедници и земји.

    Според УНИЦЕФ овие мерки треба да се дополнат со подигање на свеста кај родителите и наставниците за тоа како социјалните медиуми влијаат на зголемување на малтретирањето и насилството, како и за стратегии на одговор.

    „Насилството во училиштата може да се спречи. И бидејќи може да се спречи, ние мора да го направиме тоа. Училница по училница, училиште по училиште, ние можеме да ставиме КРАЈ на насилството во училиштата. Учениците од целиот свет истапуваат за да побараат безбедност и образование што ги заслужуваат. Време е да тргнеме по нив. Треба да им се придружиме“, вели Перкс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира