ЌЕ ГИ ЗАСИЛИМЕ ИНСПЕКЦИИТЕ, ВЧЕРА ПИШАВМЕ ДВЕ КАЗНИ ЗА ФРЛАЊЕ ЃУБРЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    ЌЕ ГИ ЗАСИЛИМЕ ИНСПЕКЦИИТЕ, ВЧЕРА ПИШАВМЕ ДВЕ КАЗНИ ЗА ФРЛАЊЕ ЃУБРЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ„Апелирам и до граѓаните фрлањето на отпадот да го прават како што е пропишано, во контејнерите и корпите за џебен отпад, а не насекаде околу нас“, вели Шилегов.(Фото: СДК.МК)

    Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска најави дека ќе се засилат инспекциите и казнувањето за фрлање ѓубре, отпад, како и за палење пластика, железо и друг отпад. Инспекторите на Град Скопје викендов биле на терен и покрај што опоменувале биле казнети и граѓани кои биле затекнати како фрлаат ѓубре на јавна површина.

    „Град Скопје во изминатиов период сериозно го зголеми интензитетот на инспекцискиот надзор. Само во текот на вчерашниот ден беа казнети две домаќинства и тоа за палење кабли и фрлање на шут на недозволени места. Тоа е нешто што ние ќе го правиме интензивно односно ќе го зголемиме капацитетот на инспекциските служби и ќе го засилиме надзорот. Сметаме дека со засилен надзор од една страна и со одговорно однесување на граѓаните од друга страна треба да дадеме поинаков почист лик на градот. Затоа апелирам и до граѓаните фрлањето на отпадот да го прават како што е пропишано, во контејнерите и корпите за џебен отпад, а не насекаде околу нас“, рече Шилегов.

    Јавните претпријатија на Град Скопје заедно со општинските комунални работници денеска ја започнаа акцијата за чистење на општина Гази Баба која ќе трае во наредните четири дена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира