Пратениците во Европскиот парламент изгласаа да почнат санкции кон Владата на Унгарија, поради уништување на демократијата и неуспехот да се задржи на основните вредности за кои се залага Европската унија. Мерките од Членот 7 ќе се преземат откако на денешното гласање се доби потребното мнозинство, со 448 гласа за, 197 против и 48 гласа воздржани. Потегот значи дека владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан може да го изгуби правото на глас во Европската унија.
Пред да почне гласањето, беше нејасно колку членови на конзервативната Европската народна партија (ЕПП), најголемата политичка партија во Европскиот парламент, ќе ја поддржат мерката. Иако партијата на Орбан Фидес е дел од ЕПП, неколку од пратениците гласаа против нивниот унгарски сојузник.
Во вчерашниот говор пред пратениците, Орбан го опиша гласањето како акт на реваншизам кон Унгарија бидејќи одби да ги прими бегалците според шемата за преселување на ЕУ. Иако Брисел и Будимпешта со години имаат спротивставени ставови за имиграцијата и политиката со бегалците, денешното гласање се однесусува на поширока загриженост за состојбата со демократијата и владеењето на правото во Унгарија.
Во извештајот од холандската пратеничка Џудит Саргентини, кој го поттикна гласањето за Членот 7, стои дека „нападите на Орбан врз независните медиуми, академската средина, судството, мигрантите и бегалците како и правата на малцинствата, претставуваат систематска закана за основните принципи на ЕУ“.
Што значи гласањето? Мерката не значи дека веднаш ќе биде казнета Унгарија, но ја отвора вратата за санкциите да бидат спроведени. Гласањето значи и дека ќе биде испратено официјално предупредување до Унгарија за прекршување на вредностите на ЕУ. Европската комисија лани го покрена Членот 7 против Полска поради реформите во судството.
Што е Член 7? – Членот 7 од Лисабонскиот договор отвора пат за санкции против земја членка и привремено губење на правото на глас во Советот на Европа. Оваа постапка се презема кога некоја од членките на ЕУ ќе ги прекрши вредностите за „човечко достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитувања на човековите права, вклучувајќи ги и правата на малцинствата “.
Што е следно? – Постапката сега ќе биде проследена за одобрување до лидерите на 28-те земји членки на ЕУ . Но, за Унгарија да биде суспендирана од понатамошно гласање и за да почнат санкциите против неа, потребно е одлуката да се донесе едногласно, потег што најверојатно ќе биде блокиран од Полска.