Големите маркети низ Скопје нема да смеат да го фрлаат ѓубрето и картоните од стоката која ја продаваат во контејнерите на улиците. Секој маркет ќе треба да има посебно место каде ќе го собира отпадот и да склучи договор со ЈП „Комунална хигиена“ за негово подигнување.
Инспекторатот за животна средина на Град Скопје почна да им дели решенија на маркетите кои отпадот го фрлаат во контејнерите, дека имаат рок од седум дека да уредат одреден простор и да обезбедат опрема за селективно собирање на отпадот.
„По извршениот инспекциски надзор на повеќе локации низ градот утврдено е дека контејнерите низ градот се преполнуваат со картони, кутии и друг отпад од маркетите. Поради тоа во нив нема простор да се фрла ѓубрето од домаќинставата, па тоа често завршува надвор од нив. Донесени се решение врз основа на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, со кое секој маркет ќе треба да склучи договор со ЈП ‘Комунална хигиена‘ да им биде подигнат отпадот, а за тоа ќе плаќаат во зависно од ценовникот на претпријатието. Во рамките на објектот треба да биде обезбеден и простор каде ќе бидат поставени и контејнери во кои тие ќе го селектираат отпадот. Ова е една од мерките кои ги преземавме за подобрување на состојбата со хигиената во градот“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Шилегов пред два дена најави дека Град Скопје ќе ги зајакне инспекциите низ градот и ќе се казнуваат граѓаните но и фирмите кои не го почитуваат Законот за јавна чистота, односно фрлаат ѓубре кај ќе стигнат.
Од кабинетот на градоначачникот Шилегов мината недела за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека ќе бараат од Собранието да донесе Закон за формирање комунална полиција, по урнекот на Белград, со што би се воспоставило ред во однос на хигиената, дивите депонии, градбите, паркирањето, узурпирањето на јавни површини.
„Комуналната полиција ќе биде надлежна буквално за сè што е во надлежност на Град Скопје. Ќе казнуваат за фрлање ѓубре, за погрешно паркирање, узурпирање на јавна површина, за градби, диви пазарџии, тезги и слично. Според искуствата од Белград на 5.000 жители потребен е еден полицаец, што значи на Скопје му требаат од 100 до 120 комунални полицајци. Комуналните редари па и инспекторите имаат проблеми, лицата кои ќе ги затекнат како прават одреден прекршок не сакаат да се легитимираат за да може да им пишат казна. Полицијата во овој случај би имала многу поголеми овластување, ќе можат да приведуваат и ќе работат 24 часа, а би требало да бидат и поголеми казните“, изјави минатата недела раководителот на Инспекторатот на Град Скопје, Мирослав Богдановски.
А. АНТЕВСКА