Пратеникот Енес Ибраим, кој денеска сведочеше на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, кажа дека во ходникот во близина на галеријата на прес-центарот меѓу насилниците го видел и обвинетиот Мунир Пепиќ.
„Насилниците влегоа во галеријата и почнаа да го тепаат пратеникот Павле Богоевски. Мене ми се закануваа ми викаа ‘Тебе Турчин нема ниту Ердоган да те спаси’. Успеав да излезам од галеријата и тогаш добив удар во врат, паднав на земја и почнаа да ме удираат со клоци. Не видов кој ме удира оти ја криев главата со рацете. Кога станав го видов во ходникот еден од обвинетите, Мунир Пепиќ. Беше на два метра од мене“, сведочеше пратеникот Ибраим.
Пепиќ е меѓу 33-та се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието. Пепиќ, инаку, е и меѓу обвинетите за злосторничко здружување и за повреда на гласачкото право во случајот „Титаник“ на СЈО. По отворањето на истрагите од СЈО добил трансфер од МВР во Агенцијата за разузнавање, која што е под надлежност на претседателот Ѓорге Иванов.
На вкрстеното прашање на адвокатот на Пепиќ, Еленко Миланов, дали забележал неговиот клиент насилно да се однесува, сведокот Ибраим рече дека само го видел обвинетиот на кратко но не забележал насилно однесување.
Ибраим рече дека откако биле сите пратеници однесени во канцеларијата на пратеникот Влатко Ѓорчев, она што му било сомнително е што до нив стоеле и дел од насилниците кои претходно ги видел.
„Најчудно беше што двајца насилници кои беа доле стоеја до канцеларијата. Им реков на полицајците ова се насилници, но тие ми одговорија – не ова се наши колеги“, рече во сведочењето Ибраим.
Денеска ќе сведочат и Петар Атанасов, Катерина Кузмановска и Хари Локвенец.
А. АНТЕВСКА