Правата на децата и правата на лицата со пореченост се нешта за кои не се преговара во ЕУ, кажа Геновева Луиз Калавера, директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија, на денешната регионална средба за заштита на децата од насилство и за унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост, и за напредокот во овие области финансирани од Европската унија и УНИЦЕФ.
Таа рече дека не може да се зборува за демократија во земји во кои се толерира насилство врз децата, бидејќи тоа е проблем на целото општество и дека тоа заеднички и со УНИЦЕФ и со владите на земјите од регионот се обидуваат да го решат овој проблем.
„ЕУ со пет милиони евра го помага заедничкиот интерес на Балканот за да го реши овој проблем. Но, парите не се најважни туку целата заедница треба да го прифати моделот на елиминирање на насилството. Овде сум да ја искажам поддршката од Европската унија да се продолжи со напредување во оваа област, бидејќи ова не е типично само за оваа земја туку за целиот регион кој има јасна перспектива за членство во ЕУ“, рече Калавера.
Според податоците од УНИЦЕФ, секое трето дете на Балканот претрпело физичка насилство како казна и форма на воспитување, а во Македонија секое второ дете. Претставник на УНИЦЕФ во земјава Бенџамин Перкс, кажа дека и емоционалното запоставување е форма на насилство и дека според нивните истражувања 30 отсто од децата во Македонија кажале дека се емотивно запоставени.
„Децата тој модел на однесување го учат од нивните родители. Има методи како тоа да се промени, веднаш по раѓањето треба да им се објасни на родителите како ненасилно да го воспитуваат детето. Еден од начините да се елиминира насилството врз децата е училиштата да ги препознаваат овие деца и да се работи со нив. Загрижувачи е податокот што бројките за балканските земји се исти како на некои земји членик на ЕУ пред нивното вклучивање во Унијата и пред да почнат да работат на справување со проблемот. Економски поразивените земји подобро се справуваат со насилството врз децата и тоа не е случајно.Сметам дека образованието и здравството се клучните области во кои треба да се вложува и во кои треба да се работи“, рече Перкс.
Македонија ќе биде првата земја која наскоро ќе излезе со национални индикатори за идентификување на насилство врз децата, најави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска , на регионалната средба .
„Со тоа институциите ќе станат свесни кои моменти треба да се препознаат, каде да се интервенира и како да постигнеме заедничка заштита за сите деца кои се соочиле со насилство. Но, уште поважна е превенцијата. За да кажеме дека го спречуваме и насилството во нашата држава мора да кажеме дека деинституционализацијата е исто така е превенција и спречување на насилство врз децата, бидејќи и запоставување на децата е форма на насилство. Затоа за една година извлековме 33,9 отсто од децата од 0 до 18 години од институциите“, рече Царовска.
Таа рече дека и сиромаштијата е форма на насилство и дека децата не смеат да живеат во сиромаштија.
„Затоа и социјалната реформа ја фокусираме токму на искоренување на сиромаштијата и вчера најавивме дека од следната година ќе се зголеми бројот на деца од социјално загрозените семејства, кои ќе добиваат два посебни додатоци. Тоа ќе бидат над 60.000 деца, а сега во моментов тој додаток го примаат околу 3.000 деца. Тоа ја покажува политичка волја и спремност да се бориме со сиромаштијата со која се борат децата во нашата земја“, рече Царовска.
Таа кажа дека заедно со Министерството за здравство во Кочани пилотирале сервис за посета на децата во домашни услови, каде најлесно се идентификува насилството.
„Затоа, овие тимови ќе треба да знаат да го препознаваат насилството и да ги поврзуваат тие семејства во институциите. Насилството се однесува на целото општество, не може да збориме за демократија ако толерираме насилство. Најголем дел од институциите сметаат дека тоа е домашна работа и не пријавуваат насилство. Воспитување со насилство и тоа е општо прифатено и ние не се бориме со него, но ако сакаме демократско општетсво ќе мора да се псравиме со него“, кажа Царовска.
На дводневната регионална средба учествуваат претсавници од Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Србија, Црна Гора, и Турција.
Е. БОЧВАРОСКА