ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА ТРЕБА ДА ГО ПРИФАТИМЕ КАКО ЕДИНСТВЕНО РЕАЛНО РЕШЕНИЕ, ВЕЛИ ТУПУРКОВСКИ

    ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА ТРЕБА ДА ГО ПРИФАТИМЕ КАКО ЕДИНСТВЕНО РЕАЛНО РЕШЕНИЕ, ВЕЛИ ТУПУРКОВСКИСпоред Васил Тупурковски, подолго време постојат политички фактори кои трагично го делат нашиот народ, но најголемата придобивка од референдумот треба да биде постигнувањето единство (Фото: СДК.МК)

    Договорот за името треба да го прифатиме како единствено реално решение, изјави за агенцијата МИА професорот по меѓународно право, основач и претседател на поранешната партија Демократска алтернатива и претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК) Васил Тупурковски. Тој рече дека на референдумот на 30 септември „нема да водиме партиски борби, туку ќе се бориме за нашето единство, тоа е најголемата придобивка од овој референдум доколку како народ и граѓани тоа сакаме да го разбереме“.

    Васил Тупурковски беше и член на претседателството на СФРЈ пред распаѓањето на Југославија и специјален пратеник на првиот  претседател на Република Македонија Киро Глигоров.

    „Пред 27 години имавме сосема прифатлив предлог за решавање на проблемите во македонско – грчките односи. Шансата не ја искористивме. Сега Македонија и Грција создадоа заемно прифатливо решение. Да бидеме реални, ова решение е полошо, но после 27 години е единствено реално и евентуално подоброто нема да биде пронајдено после нови децении на трагање заедно со нови жртвувани генерации. Значи, треба да го прифатиме договорот помеѓу двете земји“, вели Тупурковски.

    Според Тупурковски, подолго време постојат политички фактори кои трагично го делат нашиот народ, но најголемата придобивка од референдумот треба да биде постигнувањето единство.

    „Иако и во овој момент на референдумско одлучување не се дозволува да се приближиме, не можеме како општество, семејства и граѓани да не се зближуваме. Патриоти се само оние кои го подобруваат нашиот живот. А предавници не се оние што мислат поинаку. На 30 септември нема да водиме партиски борби. Всушност, ќе се бориме за нашето единство. Тоа е најголемата придобивка од овој референдум доколку како народ и граѓани тоа сакаме да го разбереме“, вели Васил Тупурковски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира