ПРИЈАВЕТЕ НА 192 АКО СЕ ОБИДАТ ДА ВЕ СПРЕЧАТ ДА ГЛАСАТЕ ИЛИ ВЕ ОБЈАВАТ НА ФЕЈСБУК, ОБЈАВИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ

    ПРИЈАВЕТЕ НА 192 АКО СЕ ОБИДАТ ДА ВЕ СПРЕЧАТ ДА ГЛАСАТЕ ИЛИ ВЕ ОБЈАВАТ НА ФЕЈСБУК, ОБЈАВИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИПод засилено полициско обезбедување денес беше дистрибуиран гласачкиот материјал до општинските изборни комисии за утрешниот референдум. Се врши дистрибуција на 1.806.336 гласачки ливчиња за околу 3.480 избирачки места во земјава, како и паравани, записници и избирачки списоци (Фото: Ѓ. Личовски)

    Под засилено полициско обезбедување денес беше дистрибуиран гласачкиот материјал до општинските изборни комисии за утрешниот референдум. Се врши дистрибуција на 1.806.336 гласачки ливчиња за околу 3.480 избирачки места во земјава, како и паравани, записници и избирачки списоци.

    На Фејсбук денес беше забележан првиот притисок за спречување на гласањето во дијаспората,  во Мелбурн, Австралија, каде  неовластено беа снимани и навредувани граѓани кои решиле да излезат и да гласаат на референдумот.

    На Фејсбук страницата „Предавници“, од таканаречените „бојкотирачи на референдумот“, беа објавени снимки како насилници ги навредуваат граѓаните кои излегле да гласаат. Таканаречените „бојкотирачи“ ги објавуваат со име и презиме тие што гласале и ги прогласуваат за предавници. Потоа се исплашија и ги тргнаа постовите од фејсбук страницата.

    За инцидентот во Австралија реагираше Мминистерството за надворешни работи.

    „Најостро го осудуваме објавувањето на снимки на социјалните медиуми како и навредите кон македонски граѓани во Австралија, кои решиле да излезат и да гласаат на референдумот. Ова претставува директно прекршување на основното демократско право на гласање, но и влијание врз референдумскиот процес, како и прекршување на правото на приватност за време на гласање. Каков било обид за влијание или притисок врз гласачите на денот на гласање за референдумот е недопустливо“, се вели во реакцијата на МНР.

    Од министерството велат дека локалните власти биле известени за инцидентот.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повика граѓаните да пријават на бројот 192 доколку гласаат на референдумот и забележат дека се неовластено снимани.

    „Доколку забележите дека некој ве снима, го извикува на глас вашето име и презиме, или на било кој начин го попречува вашето право да гласате, веднаш пријавате на 192 или на полицискиот службеник во близина на вашето гласачко место“, напиша Спасовски на  Твитер.

    Министерот Спасовски апелира доколку граѓаните забележат дека фотографија од нив се појави на социјалните мрежи да го пријават тоа на адресата [email protected].

    Денес гласаат затворениците и лица во домашен притвор, болните и изнемоштените лица како и дијаспората. Во казнено-поправните установи во земјата треба да гласаат 1.558 затвореници и лица кои се во притвор. Најмногу болни и изнемоштени за гласање се пријавиле во Демир Хисар – 145, во Прилеп 143, во Струмица 107 и во Крива Паланка 100. Во странство се гласа во 33 дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија, а пријавени за гласање се вкупно 2.694 македонски државјани.

    Граѓаните од земјава и дијаспората утре ќе треба да одговорат на референдумското прашање, кое гласи „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира