Железничкиот сообраќај на релацијата Велес – Гевгелија од денеска е во прекин, оти попушти и не е безбеден Железничкиот мост над реката Црна кај локалитетот Стоби, соопшти Македонски железници – Транспорт.
„Поради појавени деформации на бетонскиот мост кој се наоѓа помеѓу станица Градско и крстосница Кукуричани, патниот правец Велес – Гевгелија е прекинат за сообраќај. Прекинот ќе трае до завршување на санацијата на дефектот, за што патниците ќе бидат благовремено информирани. Во меѓувреме, возовите кои сообраќаа на релација Скопје- Гевгелија и Гевгелија- Скопје, ќе сообраќаат само до Велес и обратно“, соопшти Македонски железници – Транспорт.
За проблемот со мостот во саботата напладне реагирал машиновозачаот кој последен минал преку него, превезувајќи композиција со товарни вагони полни со нафта од Солун за Скопје. Тој на колегите им кажал дека мостот сериозно бил со нарушена стабилност и добро е што успеал да мине преку него. Екипи на МЖ инфраструктура биле на лице место и констатирале дека столбовите на мостот се напукнати. Од тогаш МЖ инфраструктура обезбедила автобуси и до вчера ги префрлаше патниците од железничката станица Велес до железничка станица Кукуричани и обратно. Од денес и оваа алтернатива ќе биде укината.
Секојдневно од Скопје за Гевгелија и обратно сообраќаа два патнички воза, еден наутро и еден попладне. Со прекинот на железничкиот сообраќај од Солун за Скопје, најголем удар ќе има МЖ Инфраструктура бидејќи од превозот на кинеската стока, со по два товарни воза секојдневно од Солун за европските метрополи, ќе се одлее голема девизна заработувачка. Сега како алтернативен превоз за кинеската стока ќе се користи пругата преку Бугарија. Тешкотии ќе има и за превозот на нафтените деривати за македонските увозници, бидејќи тие сега ќе може да се достават само до Криволак или Неготино.
П. ПЕЧКОВ