Владата го усвои Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот предвидено со Договорот од Преспа, соопшти по денешната 92. вонредна седница владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Во Предлогот има 4 суштествени промени: додавање на придавка Северна во името на Република Македонија во целиот текст на Уставот, измени во Преамбулата каде при наведување на државотворните традиции се потенцира АСНОМ и се наведуваат сите одлуки поединечно што се таму донесени, гаранција за неповредливоста на територијалниот интергритет и суверенитет на земјава и грижа за дијаспората и Македонците во странство.
Предлогот ќе биде испратен до Собранието, каде што за да помине, потребно е двотретинско мнозинство, а Бошњаковски не одгвори дали власта го има обезбедено потребното мнозинство во Собранието за уставните измени.
„Како Влада го започнавме процесот за уставни измени денеска, очекуваме дека пратениците ќе го следат глас на народот изразен на референдумот и она што е стратешки интерс на Република Македонија, и очекуваме дека од утре ќе почнат со работа и ќе се изјаснат. Сите пратеници имаат историска должност да го обезбедат патот кон ЕУ и НАТО кој води преку Договрот меѓу Македонија и Грција. Остварувањето на оваа визија е во рацете на секој пратеник и тоа зависи од секој од нив“, рече Бошњаковски.
Пратеничката на СДСМ во Собранието Фросина Ременски веднаш по владината седница ги повика сите пратеници кои се јасно определни за членство на Македонија во НАТО и ЕУ да ги поддржат предложените уставни измени и да ја почитуваат мнозинската волја на граѓаните. Таа рече дека никој не треба да се надева на амнестија, а ако ВМРО-ДПМНЕ и натаму го блокира процесот на уставните измени, ќе нема друг избор освен да се оди на нови избори.
Со Договорот со Грција, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.
На референдумот за името на 30 септември, вкупно 666.743 граѓани или 36,91 отсто гласале од запишаните 1.806.336 гласачи на Избирачкиот список. Според конечните резултати на Државната изборна комисија (ДИК), одлуката на референдумот не е усвоена бидејќи на референдумот не гласале повеќе од половината граѓани запишани во Избирачкиот список, или 903.169.
На прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, „за“ гласале 609.813 граѓани, или 91,46 отсто а „против“ гласале 37.700 илјади граѓани или 5,65 отсто. Неважечки ливчиња се 19.221.