Активистите од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ тврдат дека не се точни изјавите од Македонски енергетски ресурси (МЕР) дека била постигната согласност со нив и дека се вклучени во работните групи за мониторинг на изградба на гасоводот. Вчера, откако активистите објавија фотографии дека на Водно повторно продолжија градежните работи за изградба на гасоводот, од МЕР рекоа дека багерите почнале да работат во понеделникот откако претходно на состанок со активистите била постигната согласност тие да бидат вклучени во работните групи.
„Во потполност ја демантираме информацијата на МЕР. Со граѓанската иницијатива ‘Го сакам Водно‘ согласност не е постигната, ниту пак сме дел од работните групи за мониторинг на изведбата на целиот проект. Ниту сме имале некаков состанок, ниту ни било понудено да се вклучиме во работни групи, а камоли да прифатиме. Последна средба со претставниците на власта беше на дебата која се одржа во хотелот ‘Средно Водно‘“, вели активистката Татјана Стојановска од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.
Од МЕР денеска не добивме одговор колку и кои активисти се вклучени во работните групи со оглед на тоа дека од „Го сакам Водно“ велат дека нивните изјави дека е постигната согласност се дезинформации. Од таму во кусото соопштение одговорија дека ги повикуваат граѓанските иницијативи во наредните денови на разговор, за да се разјаснат недоразбирањата и да одговорат на прашањата кои ги имаат и создаваат недоречености.
Од Владата и МЕР и понатаму остануваат на ставот дека гасоводот на Водно мора да се гради, дека не е можно да се прави по друга траса и дека досега направиле отстапки со тоа што ја намалиле ширината на зафатот ја намалиле од 25 на 10 метри и дека на Водно ќе се исечат помалку од два хектари шума што е вкупно 0,07 проценти од дрвната маса.
Активистите и понатаму бараат да се разгледаат алтернативни траси, оти постојната минува низ заштитено подрачје, се уништува зеленило и се нарушува биодиверзитетот на Водно.
А. АНТЕВСКА