Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прифати оставката на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас и соопшти дека тој самиот ќе го води министерството за да се спроведе успешно Договорот од Преспа, објави „Катимерини“.
„Премиерот Алексис Ципрас ја прифати оставката на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас. Тој му се заблагодари за неговиот придонес за владата и за земјата во изминатите 3,5 години. Премиерот ќе го преземе министерството за надворешни работи за да помогне со неговите напори за успешно спроведување на Договорот од Преспа“, соопштија од кабинетот на Ципрас.
Коѕијас поднесе оставка денеска, откако на вчерашната владина седница бил нападнат од министерот за одбрана Панос Каменос. Според извори на „Катимерини“, Каменос го нападнал Коѕијас дека е човек на американскиот милијардер Џорџ Сорос, а Ципрас не застанал во негова одбрана.